Најголемиот светски производител на процесори – Intel, за време на CES 2014 ја претстави својата најнова технолошка иновација, микро-компјутер со големина и форма на стандардна SD картичка. Intel Edison компјутерот, именуван во чест на познатиот американски пронаоѓач и бизнисмен – Thomas Edison, ќе биде базиран на неодамна најавениот Quark X1000 SoC процесор.
Quark процесорот е произведен на најновиот 22 нано-метарски производствен процес на Intel и е повеќе насочен кон компактност и енергетска ефикасност, наспроти процесирачка моќ. Се состои од две ниско-енергетски јадра со работна фреквенција од 400MHz, кои воедно се 5 пати помали и 10 пати поефикасни од јадрата во Atom процесорите.
Според Intel, уникатната комбинација на мали димензии, ниска потрошувачка и бројни функционалности ја прават Edison платформата широко применлива, отворајќи можност на голем број нови визионери да креираат најразлични паметни уреди. Ваквите уреди ќе може да користат повеќе видови апликации, кои ќе се симнуваат и инсталираат исто како и кај мобилните телефони и таблетите. Edison компјутерот ќе работи на Linux оперативен систем, а ќе содржи вградени Wi-Fi и Bluetooth модули за безжично конектирање.
Како дел од промоцијата за Edison, Intel го најави “Make it Wearable” натпреварот со вкупен награден фонд од 1.3 милиони долари за креаторите на паметни преносни уреди. Победникот на овој натпревар ќе добие 500.000 долари.
Intel Edison ќе биде достапен некаде во средината на годинава.