Можеме да кажеме дека технологијата конечно е доволно развиена, а и доволно достапна за сите, поради што истата се интегрира во сите аспекти од животот. Доколку таа се’ уште не е вклучена во некој дел од животот, тоа сигурно наскоро нема да биде така. Веќе можеме да видиме како технологијата влегува во нашите домови во повеќе уреди од досега стандардните, како што се телевизорот, компјутерите и мобилните уреди. Сите овие уреди, а и тие што до сега не сме ги сметале за нешто посебно напредни, стануваат дел од категоријата на паметни уреди кои што можат да бидат контролирани преку интернет. Тука е и вештачката интелигенција, која што иако е во своите почетоци од развојот, сепак ги гледаме првите чекори покрај во посложени форми, така и на нашите мобилни телефони преку сега модерните персонални асистенти.
JIBO, кој што е претставен од неговите развивачи како првиот робот наменет за семејството, е еден вид на персонален асистент специјално направен во посебен уред само за него, односно за таа намена. Доаѓа со интересна форма која што му овозможува вртења во повеќе правци, а вклучува и 5,7 инчен екран на допир кој што треба да претставува неговата глава. JIBO можете да го користите за разговори преку кои што ќе го прашате да ви одговори на некои прашања, да пребара нешто на интернет и многу повеќе. Се поврзува на вашата W-Fi мрежа и со вашите уреди и има можност да ги пренесува вашите телефонски повици преку него, да ги прикажува или чита вашите пораки, можете да закажувате состаноци и слично. Исто така преку вградената камера, JIBO може да ве слика или снима, а сето тоа да го направите со едноставно обраќање кон него. На него се вклучени микрофони и камери, па JIBO е способен да процени од која страна доаѓа вашиот глас за да може да се сврти во вашиот правец. Камерата ги детектира лицата и на тој начин може да се сврти и вас лично да ви се обрати. Работи на оперативен систем кој што направен на основа на Linux.
JIBO моментално е во фаза на прибирање на средства преку Indiegogo платформата и има собрано повеќе од 130.000 долари во моментот на пишувањето на оваа статија од потребните 100.000 на 31 ден до истекот на рокот. Може да се нарача по цена од 500 долари и се очекува да почне да се произведува и доставува до поддржувачите од идната година.
Извор: Indiegogo, VentureBeat