Дизајн гуруто на Apple, кој последниве скоро две децении ни донесе една цела плејада на фантастични хардверски уреди, во интервју за CNET зборуваше за тоа зошто во MacBook нема никогаш да вградат дисплеј на допир и за тоа како стигнале до тоа да го вградат Touch Bar во новите MacBook Pro лаптопи.
На прашањето зошто досега немаат вградено дисплеј на допир во MacBook и дали воопшто ќе вградат, Ајви не сакаше да навлегува, но кажа дека според нив, на дисплејот со повеќе точки на допир не му е вистинското место во еден MacBook лаптоп, заради многу практични причини. Исто така, тој најави дека не може да зборува многу на оваа тема, бидејќи ќе навлезе во проекти на кои веќе работат.
Како своевидна замена за дисплејот на допир Apple во новата генерација на MacBook Pro вгради OLED лента на допир во горниот дел, која ќе ги менува командите зависно од тоа во која програма се наоѓа корисникот. Ова би можело да биде многу корисно за некои апликации, но останува фактот дека корисникот ќе мора да го тргне погледот од горниот дисплеј за да гледа во долниот.
Џон Ајви сепак кажа дека од сите концепти кои ги пробале за интеракција со лаптопот, овој бил најдобар. Всушност, во фазата на прототипови, тие пробале многу различни решенија, за на крај во финалниот производ да го вградат Touch Bar.
Извор: CNET, 9 to 5 Mac, BGR