Во изминатите неколку години, сведоци сме на огромните подобрувања на квалитетот на фотографиите направени со мобилните уреди. Сепак, овие фотографии сеуште неможат да се споредат со фотографиите направени од фотоапаратите.
Corephotonics, компанија основана во Израел, на годинешниот MWC 2014 (Mobile World Congress) ја претстави идејата за камера со двоен објектив, концепт наменет за паметните телефони. Имено, идејата се базира на употреба на два објектива кои ќе имаат две различни фокусни должини, едниот нормален широко аголен, а другиот објектив со тесно видно поле, комбинирани заедно преку специјални алгоритми во една слика. Со ова се овозможува зумирање на предмети во далечина, без потреба од дигитален зум, и добивање на далеку појасна фотографија.
На демонстрацијата на овој нов концепт на MWC беше направена споредба со конвенционалните камери кој се користат кај паметните телефони. Kамерата на Corephotonics излезе како победник. Тие за овој тест користеа 13 мегапикселна камера, Qualcomm’s Snapdragon 800, со два објектива. Резултатите од тестот се вчудоневидувачки, а сликата кристално јасна дури и при зумирање од 3 пати. За споредба, камерите PureView кои Nokia ги користи, кои се потпираат на дигитален зум при трикратно зумирање, резолуцијата на сликата се намалува на 5 мегапиксели.
Концептот на Corephotonics, исто така, овозможува непречено, изедначено зумирање при снимање видео, со помош на користење на комбинација од дигитален зум и комутација помеѓу објективите. Друга корист од користењето на ваквите паралелни објективи, секој со свој сензор, овозможува подобри перформанси при слаба осветленост. Софтверот на Corephotonics работи во реално време и соодветно ги комбинира пикселите од двата објективи, одбирајќи го најсоодветниот пиксел. Со ова се овозможува добивање на драстично многу појасна слика.
Овој концепт кој Corephotonics го нуди, звучи многу интересно и со своите карактеристики кои ги нуди, веројатно би можел да ги задоволи сите ентузијасти за фотографија.
Шпекулациите велат дека новиот мобилен M8, кој HTC го најавува, би имал вградено ваква камера со 2 објектива, меѓутоа останува да почекаме дали истите ќе се потврдат.