Многумина од читателите сигурно не паметат, но пред неколку децении, филмографите кои работеа на помали проекти, најчесто снимаа на Super 8 камери, на филм. Тие камери беа особено популарни поради ниската цена на телото, објективите и филмот, како и на карактеристичниот изглед кои го даваа, а сега, Kodak има нова таква камера, која е пред се наменета за носталгичарите.
Камерата е дизајнирана од Ивес Бехар, познат индустриски дизајнер и барем по мене, доловува многу од дизајнот на ваквите камери, без да изгледа застарено. На камерата, има и приклучоци за USB и слот за micro SD картичка, како и LCD монитор преку кој ќе ја гледате сцената, но тоа нека не ве залаже – снимката тука нема да биде дигитална.
За снимање ќе се користи посебен Super 8 филм на Kodak, кој ќе се испорачува во кертриџи. Убавината во снимањето со ваков филм е што после развивањето на филмот, тој ќе може да се постави во аналоген кино проектор и на тој начин да уживате во снимените видеа. Како во филмовите кога се потсетуваат на постарите снимки… Е ова е баш таква камера.
Секако, не очекувајте HD резолуција – оваа камера не е лансирана за да брка рекорди во резолуциите. Напротив, тука главниот збор го имаат длабоките и посебни бои кои ги вади филмот, како и карактеристичниот шум, кои даваат дополнителен шарм на сликата. Благодарение на тоа, ваква камера е и еден од главните протагонисти во научно фантастичниот трилер “Super 8”, а некои делови од филмот се и снимени со неа.
Најдоброто од се е што Kodak ќе го развива филмот на сите корисници на камерата, односно како што велат од таму, снимателот треба само да го притисне копчето за снимање, а останатото е на Kodak. Развиениот филм потоа се враќа на корисникот, заедно со дигитална копија.
Цената на Kodak Super 8 изнесува околу 750 долари, додека цената на филмовите изнесува од 50 до 75 долари. За оние што не се убедени од камера со филм, само една информација – најновите холивудски блокбастери, како на пример новиот Star Wars Episode 7: The Force Awakens или The Hateful Eight, се снимени со филмски камери, поради погоре споменатата „магија“ која ја има во видеата.
Извор: Gizmodo, Engadget, Digital Photography Review