LG, кои веќе се познати по својата работа со панели, како и такви кои се превиткуваат, за корејскиот пазар го претстави Gram Fold. Ова е нивниот прв „лаптоп“ компјутер кој се преклопува, па овој пазар полека ќе почне да добива на значење, како што е случајот со смартфоните на преклоп.
LG Gram Fold во основа е екран со големина од 17 инчи и резолуција од 2560 на 1920 пиксели. Тој може да се поврзе со тастатура и глувче и да се користи како повеќе класичен компјутер.
Можноста за преклопување доаѓа до израз за преносливоста на Gram Fold. Покрај тоа што уредот може да се преклопи за да полесно се пренесува, тој исто така може да се користи како лаптоп.
Едната половина од екранот се користи како стандарден екран од лаптоп, додека другата половина како тастатура. Екранот во ваков случај е со големина од 12 инчи, односно се добива нешто помал лаптоп компјутер.
LG Gram Fold работи на Windows 11, а во него е вграден Intel Core i5 процесор, што значи дека од овој уред може да се очекуваат задоволителни перформанси.
Неофицијалните информации до сега говорат дека и Apple планира да влезе на пазарот на уреди на преклоп токму со некој ваков уред, односно со iPad на преклоп. Ова покажува дека можеби во иднина може да се очекува поголема популарност на ваквите уреди, отколку на смартфоните на преклоп, но ќе видиме.