Ние на Smartportal веќе поодамна најавуваме дека во однос на паметна технологија – 2014-та ќе биде годината на фитнес и здравствени помагала. Покрај големиот број други компании кои решија да влезат во оваа сфера, на CES2014 дознавме дека дури и LG сака да ги покаже своите таленти со 2 нови производи.
Првиот производ е LG Lifeband Touch
Овој производ влегува во веќе широката категорија на производи за мерење на физичка активност. Конкретно се работи за паметна алка која наликува на веќе познатите fitbit, jawbone и nike fuelband.
Новинарите кои имаа можност да го пробаат LG Lifeband Touch на CES2014 коментираат дека се импресионирани со квалитетот на изработката и практичноста на овој уред.
Оваа алка ја има очекуваната можност да следи број на чекори, помината километража и број на внесени калории. Фитнес информациите можете да ги читате и анализирате на вашиот смартфон со официјалната апликација или било која од другите подржани апликации (Withings, MapMyFitness, RunKeeper, MyFitnessPal). Податоците можете да ги гледате и проучувате и на самиот Lifeband кој има солиден OLED екран на допир и прегледна презентација на податоците. Единствената функција која го разликува од другите фитнес алки е тоа што нуди добра интеграција со LG телевизори, но тоа не им значи ништо на оние кои немаат таков телевизор дома.
Покрај употребливоста како фитнес уред, LifeBand touch може да се користи и како паметен часовник. Тоа значи дека исто како паметните часовници се врзува со вашиот смартфон преку Bluetooth и го покажува времето, добиени пораки на мобилниот, нотификации, па дури и дава одредена контрола над мобилниот со контролирањето на музиката и прифаќање телефонски повици. Ги нема сите опции ниту изглед на паметен часовник како Pebble, па затоа најдобро е да се нарече фитнес алка со “елементи на паметен часовник”.
Цената се уште не е позната, а засега е познато дека батеријата ќе трае 2-5 дена, би требало да излезе на пролет 2014-та, доаѓа во 3 големини (мала, средна, голема) и 3 бои (црвена, сребрена и црна) и подржува комуникација и со iOS и Android уреди.
Вториот производ, LG Heart Rate Earphones ја дополнува фитнес понудата
Покрај LifeBand кој е уникатен затоа што е прва фитнес алка со елементи на паметен часовник – LG решиле да им помогнат на фитнес ентузијастите со уште една интересна и практична идеја. Се работи за слушалки кои додека ги користите – го мерат вашиот пулс, но и употреба на кислород (корисно за следење на метаболизмот и физичката кондиција).
Овие информации слушалките ги праќаат на LifeBand алката или официјалната LG апликација, а таа апликација има интеграција со голем број популарни фитнес апликации.
Во овој момент би било корисно и да се спомене дека прво-споменатиот Lifeband не го мери вашиот пулс, нешто кое стана стандардно во другите фитнес алки годинава. Можеби LG се надеваат дека ќе сакате да ги купите двата производи заедно, а можеби и ќе ги нудат во некаков пакет.
Сепак битно е да се спомене како позитивна страна на LG тоа што не се обидуваат да ве “заклучат” во нивниот бренд и систем. Нивната апликација подржува користење и интеграција и со други фитнес апликации и со пулсо-метри од други производители. Значи можете да го комбинирате LifeBand или со нивните слушалки, или со пулсометрите од други произведувачи – на пример оние од легендарниот Polar.