Еден од најпознатите производители на квалитетни и премиум куќишта за компјутери, Lian Li, ја лансира втората генерација на куќиштето кое е всушност замена за вашата компјутерска маса! Идејата делува едноставно но е вистински сон за сите гејмери и вљубеници во моќните машини, на кои им е преку глава од мноштвото кабли и големи куќишта кои зафаќаат многу од просторот на масата.
Новата маса на Lian Li има прилично големи димензии и благодарение на тоа во неа може да се стават исклучително моќни компоненти, како на пример до осум големи графички, како и водено ладење. Сето ова е покриено со стакло, што значи дека секогаш ќе имате директен видик кон компонентите, кои ако се од повисоките класи, изгледаат и прилично футуристички.
Вториот адут на оваа маса е што може електрично да се подесува по висина и тоа од 67,5 до 116 сантиметри. Ова е од особена важност за удобност при работење на компјутерот, особено за оние со многу висока или многу ниска градба. Едноставно, со оваа маса секој ќе ја најде идеалната позиција.
Во споредба со стариот модел, новиот DK-04 има и засек во предниот долен дел, па сега има и многу повеќе простор за нозете, што дополнително ја подобрува удобноста и комфорот.
Она што ќе спречи многу идни купувачи секако е цената, која во Велика Британија ќе чини енормни 1.270 фунти. Без внатрешни компоненти, секако.
Извор: Engadget, PC World, TechCrunch