Да, добро прочитавте, новиот процесор на MediaTek, Helio X20, ќе има 10 јадра! И покрај тоа што дури и денес, кога во најмоќните телефони на пазарот се вградуваат процесори со осум јадра, апликациите реално користат максимум две јадра и придобивки можеби имаат само 3D игрите.
Од техничката страна, процесорот на MediTek ќе има две ARM Cortex-A57 јадра, со брзина од 2.5 GHz, кои ќе бидат задолжени за потешките апликации. Четири јадра ќе бидат со ARM Cortex-A53 архитектура и брзина од 2 Ghz, додека последните четири ќе имаа исто така ARM Cortex-A53 архитектура и брзина од 1,4 Ghz.
Секоја група на јадра ќе има одредена намена, зависно од тоа што оперативниот систем ќе побара од нив. Така, најслабите четири јадра ќе бидат наменети за апликациите за пораките и мејловите, средните четири јадра ќе бидат наменети за мултимедијалните апликации, додека најмоќните за игрите. Ваквиот дизајн треба да овозможи оптимално работење во сите сценарија и помала потрошувачка на енергија.
На хартија сето ова звучи едноставно, но доколку се погледне како вистински апликациите ги користат јадрата, а особено оние кои ги користиме секојдневно, ќе може да се види дека реално, дури и кај процесорите со четири јадра, не се користат сите одеднаш. Ова е и една од причините зошто Qualcomm одбиваше да лансира чип со повеќе од четири јадра во почетокот, иако на крај го направи тоа со Snapdragon 810.
Причината за ова е едноставна – производителите сакаат процесори со повеќе јадра, за да можат полесно да ги изрекламираат. И навистина, да се запрашаме и ние како купувачи, веројатно би избрале паметен телефон со процесор со повеќе јадра, мислејќи дека ќе е притоа и помоќен, нели?
Но, ајде да оставиме на времето да покаже дали Helio X20 навистина ќе понуди реално подобри перформанси од оние на најмоќните 8 – јадрени процесори денес, иако, според нас, вистински напредок може да се очекува само кога ARM ќе лансира нова архитектура за дизајнирање на мобилните процесори.
Извор: Engadget