Минатата недела, Microsoft на еден од своите блогови конечно излезе со нешто поконкретни детали за втората верзија на некогашниот ексклузивен додаток за Xbox, Kinect. Главното внимание беше посветено на, очекувано, конечниот изглед на Kinect for Windows v2.
Нешто што веднаш може да се забележи е дека новата верзија на Kinect е многу слична со истиот уред кој беше издаден за Xbox One конзолите. Разликите се од чисто естетска природа, па така на горната страна од уредот може да се забележи написот „Kinect“. Истовремено, познатото Xbox Nexus лого е заменето со погенерички индикатор за работата на уредот.
Доколку сакате да го доведете овој сензор во целосно функционална состојба, ќе ви требаат неколку дополнителни уреди на располагање, или поточно кажано, адаптер и разводник (hub). И додека улогата на адаптерот е јасна, важно е да се напомене дека разводникот ќе овозможува воспоставување на три конекции: со USB 3.0 уреди, персонални компјутери и секако, адаптерот. Притоа, каблите на адаптерот ќе се разликуваат во зависност од регионот и ќе поддржуваат волтажи во доменот 100 – 240 волти.
Од сето ова, може да се заклучи дека датумот кога новиот Kinect ќе стане достапен за Windows платформите и не е така далеку. И додека некогаш овој сензор се користеше само за игри и навигација кај Xbox One конзолите, денес истиот наоѓа примена и кај голем број апликации. Затоа, во исчекување сме да видиме кои нови можности ќе ни станат достапни со Kinect 2.0.