Секое утро пред работа, најмногу време трошиме поминувајќи во купатилото. Што ако тоа време, покрај стандардното миење, може да ги искористите и за примање на информации за целиот ден, како на пример временска прогноза, календар и распоред итн? Microsoft Magic Mirror е огледало кое ќе ви го овозможи токму тоа.
Идејата е одлична и многу едноставна за изведување, што е и една од причините зошто софтверскиот гигант ги извади сите детали за тоа како може и вие да си направите едно вакво огледало дома. Секако, се додека имате малку повеќе знаење од технологијата и време за да го изработите целиот проект.
Имено, се работи за своевиден компјутер вграден во стакло кое е огледало од едната и проѕирно од другата страна – исто како стаклата каде се идентификуваат криминалците. На едната страна од стаклото е вграден монитор со големина од 23,6 инчи, кој е поставен вертикално, со цел да не одзема голем простор од првичната намена на огледалото – да се гледате во него.
Бидејќи дисплејот ќе прикажува само црна позадина и бели букви и бројки, на огледалото ќе се гледаат само буквите и бројките, како што може да се види на фотографијата. Дисплејот нема да прикажува премногу информации, односно само најважните за почетокот на денот, како часовникот и датата, времето надвор, состојбата со сообраќајот и состојбата на акциите. Овие секако ќе можат да се променат и корисникот сам ќе може да избере што да се прикаже на дисплејот.
Сите овие информации ќе можат да бидат прикажани благодарение на Raspberry Pi 3 евтиниот мини компјутер со инсталиран Windows IoT Core, помогнати од моќта Azure облакот на Microsoft и неговите моќни можности за вештачка интелигенција. Целиот систем има и камера, која со помош на Azure ќе може да препознае кој од Вашата фамилија се наоѓа пред огледалото и според тоа ќе прикаже персонализирани информации.
Сите оние кои се заинтересирани за вакво решение во своето купатило или пак на било кој друг дел во својот дом, нека кликнат на Microsoft Blog линкот подолу, каде има целосно и детално објаснување за тоа како да се направи ова огледалот. Секако, ќе треба и да го одврзете ќесето – нов монитор, Raspberry Pi 3 и огледало кое е проѕирно од едната страна нема да бидат баш евтини, но веројатно достижни за поголемиот број на купувачи.
Извор: ZDNet, Gizmag, Microsoft Blog