На Build 2014 конференцијата што се одржа минатата недела, покрај другите работи, Microsoft за првпат го прикажа својот концепт за Windows во автомобилите. Се разбира ова не би било првпат овој оперативен систем да се користи во автомобил, повеќе производители нивните системи за информации и забава ги прават на основа на верзија од Windows.
Слично на CarPlay системот од Apple, концептот на Microsoft е овој систем да работи преку поврзување на Windows Phone уред со автомобилот преку посебен стандард за оваа намена кој што е во развој, наречен Mirrorlink. Поточно, она што го имате на вашиот телефон би било прикажано на екранот на автомобилот во прилагодена форма и интерфејс. Системот ги вклучува плочките користени во Windows Phone и може да се каже дека тие се навистина корисни за овој начин на употреба.
Како и било кој друг ваков систем, така и овој, би вклучувал можност за слушање на музика, навигација, читање и праќање на пораки, телефонски повици и слично. На презентацијата на овој систем беше претставена и продавница за апликации и беше најавена можност за програмерите да развиваат посебни апликации наменети за во автомобилите. За разлика од другите слични концепти, од Microsoft планираат можност за користење на повеќе апликации, не само тие наменети за возење, кои што би се користеле кога автомобилот е паркиран.
Во продолжение можете да ја погледнете презентацијата на овој концепт, кој што е сеуште во развој и нема информации кога точно би бил вклучен во некој автомобил. Делот каде што е претставен делот за автомобилите почнува од 25-тата минута.