Денес во светот снимањето со безбедносни камери е прилично развиено и во поразвиените земји скоро и да нема дел кој не е сниман. Сепак, снимките од камерите мора да ги гледаат луѓе, со цел да најдат нешто необично, односно криминал и сл. Ова одзема многу време и е прилично неефикасно, па затоа Movidius, производител на чипови за вештачка интелигенција сега под капата на Intel, развива систем со камери кој самиот може да забележи што се случува на снимките.
Компанијата разви специјален чип наречен Myriad, кој ќе почне да се вградува во безбедносните камери на Hikvision, кој е најголем производител во својата бранша во светот. Со овој чип, камерата ќе може да забележи дали некој минувач на аеродромите „случајно“ остави куфер, дали возачите го користат телефонот додека возат, дали возилото е исто како од претходен престап и покрај промената на табличките итн. Благодарение на тоа, самиот систем потоа ќе може да ги оддели овие ситуации од останатите снимени видеа, нешто што досега требаше да го прават луѓе.
Myriad е инаку компјутерски чип со длабоко учење, кој може со време да станува подобар во анализирањето на сцената. Од компанијата го нарекуваат VPU, односно процесорска единица со визија, која е специјално наменета за да ја познава околината одоколу.
Со ваквите процесори, камерите за набљудување ќе станат многу поспособни, на пример во случаи на киднапирање на дете, кога компјутерот може многу побрзо да го најде отколку човек што ќе ги прегледува снимките. Сепак, ова може да се искористи и за незаконско набљудување на луѓе од страна на властите, како на пример оние кои учествуваат во протести и сл.
Извор: The Verge, Tech Crunch, Movidius