Деновиве медиумите дознаа дека Apple поднел патент уште во 2012-та за нов тип на док, односно станица за полнење мобилни. Она што е уникатно во врска со докот опишан во патентот е тоа што вклучува процесор, меморија и најразлични сензори. Ова е секако далеку повозбудливо од моменталните докови кои само служат за полнење на батериите.
Секако, највозбудливиот аспект на овој (теоретски) док е тоа што би бил првиот Apple док кој работи на база на безжично полнење и иако веќе видовме докови од други производители, овој док оди чекор подалеку во своите “безжични моќи”.
Освен тоа што може безжично да ја полни батеријата, овој уред прави и безжичен пренос на податоци кон телефонот. Тоа значи дека може да дојдеме дома, да го легнеме телефонот на овој док, и тој да се синхронизира со нашиот iTunes, истовремено полнејќи ја батеријата. Тоа значи дека никогаш не мора да врземе кабел на нашиот iPhone поради било која причина.
Еден од поинтересните моменти е тоа како овој док комуницира со нашиот компјутер. Докот не мора да биде поврзан ниту со компјутерот, туку со истиот би комуницирал преку Wi-fi. Тоа значи дека единствениот кабел кој постои во целаtа ситуација е кабелот за напојување на докот со струја.
Во практична смисла, ова значи дека докот може да ни биде во дневната соба, а компјутерот во спалната соба. Телефонот го поставуваме на овој док, и така тој се полни и се синхронизира со нашиот компјутер од другата соба.
Патентот доловува повеќе моменти во однос на овој док, а голем дел од нив се врзани со детектирањето на ориентацијата и близината на телефонот. Така на пример патентот опишува дека докот би можел преку детектирање на ориентацијата да одлучи која функција да ја примени. Така (на пример) ако го ставиме телефонот легнат на екранот, може да прави само трансфер на податоци, а ако го легнеме свртен нагоре би правел само полнење на батеријата.
Меѓу другото, докот опишан во овој патент би имал и екран кој прикажува што се случува со уредот во тој момент.
Можеби најбитната работа која може да се потенцира тука е дека ова е сеуште само патент. Голем број од патентите на Apple никогаш се немаат претворено во комерцијален производ. Сепак експертите велат дека овој патент најверојатно ќе донесе до актуелен производ бидејќи Apple доста назадува со функционалноста на своите докови наспроти конкурентите.
Извор: MacRumours