Новите модели на паметни телевизори од Samsung за 2014 година ќе вклучуваат и нов, комплетно редизајниран „Smart Control“ далечински управувач.
Новиот управувач, кој беше претставен за време на CES 2014 во Лас Вегас, има овална форма наспроти правоаголната кај стариот модел. Според Samsung, целта на ваквиот дизајн е да се вклопува поприродно во рацете на корисниците.
Главна карактеристика на новиот модел, покрај променетиот дизајн, е можноста за контрола преку движења со рацете.
Како и кај претходниот модел, на врвот од управувачот е сместен микрофон преку кој може да давате гласовни команди, додека во средината на управувачот се наоѓа површина осетлива на допир. Оваа површина кај новиот управувач е намалена за 80%, така што би се минимизирале движењата со палецот, а воедно и би се охрабриле корисниците да користат гестури и гласовни команди.
Бројот на копчиња кај новиот далечински управувач изнесува 26. Вратени се дедицираните копчиња за стартување, паузирање и премотување на аудио/видео содржини кои недостасуваа кај стариот управувач, а додадени се и посебни копчиња за “Multi-Link Screen” и “Soccer Mode” функциите.