Само што Samsung го претстави SSD дискот со најголем капацитет во светот, Seagate одговори со најбрзиот ваков диск, кој има вртоглава брзина на вчитување од дури 10 GBps (гигабајти во секунда) – неколку пати побрзо од најбрзите SSD дискови за комерцијалните компјутери.
Реков комерцијалните? Да, новите дискови на Seagate ќе бидат наменети за бизнис употреба, односно ќе бидат премногу скапи за приватните корисници. Seagate сеуште нема најавено цена, но очекувајте да биде со четири цифри, во долари или евра, што значи дека освен ако не сакате да се фалите на другарите дека го имате најбрзиот диск, одлично ќе ве послужи и поевтин SSD.
Самиот диск инаку ги постигнува овие брзини благодарение на четири SSD дискови поврзани преку M.2 интефејсот на еден PCIe 3.0 x16 слот на матичната плоча, кој е многу побрз од стандардните SATA 3.0 интерфејси. Нивниот SSD диск ќе може да работи со NVMe (Non-Volatile Memory Express), интерфејс наменет за големите дата центри, кој овозможува многу побрз проток на податоци од досегашниот SATA. Интересно, дискот има и вграден ладилник, бидејќи толку многу мемориски чипови на едно место секако дека ќе произведуваат повеќе топлина.
Seagate не објави повеќе информации за овој диск, односно колкав капацитет ќе има, но најави и малку поевтин SSD, кој ќе се поврзува на PCIe x8 слот и ќе има брзина од 6,7 GBps, што пак го прави најбрз диск поврзан на х8 слот во светот. И двата дискови ќе бидат достапни на почетокот од летото.