Corning, производителот на популарните Gorilla Glass, кои се користат во најголемиот дел од паметните телефони, таблети и лаптопи денес, ќе лансираат целосно ново стакло, кое ќе ја има отпорноста на гребење скоро иста како на Сафирот, што значи дека ќе биде тешко да се изгребе дури и со најострите предмети.
Инаку, Сафирот често беше најавуван како стакло за екраните на iPhone 6 и 6 Plus, благодарение на неговата исклучителна отпорност на гребење, но Apple на крај пак се одлучија за Gorilla Glass. Причината е што продуктот на Corning е поотпорен на удар и падови, иако е полесно да се изгребе со остри предмети, но и неочекуваното раскинување на соработката со “GT Advanced Technologies”, компанијата која стои зад производството на синтетички Сафир.
Project Phire, односно новото стакло на Corning, треба значително да ја подобри површинската отпорност на гребење, а притоа да ги задржи позитивните карактеристики при падови од височина, или удари. Сепак, површинската тврдина и натаму нема да биде на нивото на Сафир, иако би била исклучително близу, односно доволно да е отпорна на гребење од клучеви, алат, па дури и нож.
Интересно е што Corning неодамна тврдеше дека нема потреба од потврдо стакло, односно дека нивниот Gorilla Glass е супериорен во однос на Сафирот. Сепак, со Project Phire се покажува дека конкуренцијата ги натера да размислуваат за подобрување, од што нормално главната придобивка ќе ја имаме ние, корисниците.
А првото вградување на новото стакло се очекува во паметните часовници, каде се очекува да води тесна битка со Сафирот, кој долги години е прв избор на ексклузивните производители на швајцарски рачни часовници. Засега, Gorilla Glass 4 се користи во часовниците на Samsung, односно Moto 360.
Новото стакло на Corning, веројатно ќе биде лансирано кон крајот на годинава и ќе се вика Gorilla Glass 5. Покрај зголемената отпорност на гребење, ќе треба да биде уште потенко во однос на 4-тата верзија, која е моментално најтенката на пазарот.
Извор: Cnet