arm-cortex-a72-630

Паметните телефони кои ќе пристигнат во 2016 година ќе добијат големо подобрување на перформансите, благодарение на новата Cortex A72 архитектура на ARM процесорите, која ветува графика на нивото на играчките конзоли од претходната генерација, односно на графичките картички за компјутерите, како и снимање и гледање на Ultra HD, односно 4K видеа.

Да потсетиме, ARM не ги произведува процесорите, туку ја прави архитектурата и потоа го продава концептот на производителите, како на пример Quallcom Snapdragon, Samsung и Mediatek. Нивните процесори се денес убедливо најкористените во светот на паметните телефони и таблети, благодарение на солидните перформанси, малата потрошувачка на енергија и малото загревање.

Денес актуелни се Cortex A57 и A53 архитектурите, кои се користат во новите процесори со осум јадра во big.LITTLE изведба, како Snapdragon 810, кој доживеа премиера во LG G Flex 2. Двете архитектури се разликуваат по тоа што едната е наменета за штедење на енергијата и се користи за полесни функции и операции (А53), додека другата е наменета за посериозни задачи, како играње игри и слично.

arm-cortex-a72-600

Новата Cortex A72 архитектура ќе ја замени Cortex A15 архитектурата и ќе може да се комбинира со послабата, но ефикасна Cortex A53 во изведби со осум јадра, односно по четири од едниот и другиот процесор.

Подобрувањата во перформансите ќе бидат огромни. За прв пат, еден мобилен чип ќе може да снима 4K видео со фантастични 120 фрејмови по секунда, што е голем напредок во однос на 30 fps на денешните паметни телефони. ARM ветува и дека графиката сега ќе биде на ниво на конзолите од претходната генерација, со новиот графички процесор Mali-T880, која е за 80% побрза во однос на денешната Mali-T760. Ова ќе овозможи развивање на многу подобри и графички поинтензивни игри.

Вкупно, новиот чип ќе е 3,5 пати побрз од најдобрите денешни процесори, а згора на тоа ќе биде и многу поефикасен, односно ќе троши многу помалку батерија, благодарение на новиот 16 нанометарски процес за производство на транзистори. Во бројки, процесорот ќе троши 75% помалку, додека графичката ќе троши 40% помалку енергија. Импресивно. Платформата е 64-битна, што значи дека ќе може да искористи многу повеќе рам, а како што тргнало со напредокот на тоа поле, може да очекуваме уреди со 6 до 8 гигабајти.

Кинеските производители на процесори, MediaTek и Rockchip веќе најавија дека ќе произведуваат чипови по новите спецификации на ARM, а набрзо се очекува тоа да го направат и гигантите Quallcom и Samsung. Процесорите најверојатно ќе почнат да се користат во најдобрите смартфон и таблет модели на популарните производители, но се очекува и зголемено вградување во паметните телевизори, особено благодарение на подобрените перформанси во делот на графиката.

Извор: Engadget

Претходна статијаЕУ го спречува кршењето на човекови права…со кршење на човекови права
Следна статијаAvast објави Android апликации кои содржеле скриен adware