Olympus Air (4)

Од година во година, паметните телефони доаѓаат со се подобри камери, но, да бидеме искрени пред себе, кога ќе видиме фотографија од некој поскап и подобар фотоапарат по социјалните мрежи, остануваме занемени. Olympus ќе се обиде да ги донесе токму тие фотографии на смартфоните. Квалитетни, професионални и спремни за споделување на Facebook и Instagram, веднаш.

Olympus Air A01 е всушност леќа – камера, која го користи Micro 4/3 системот за објективи на Olympus и Panasonic, кој е еден од најразвиените на пазарот и кој го користат многу фотографски ентузијасти низ светот. Сензорот има 16 мегапиксели, но, нека не ве лаже бројката, бидејќи истиот е преку 10 пати поголем од оние на паметните телефони. Во превод, ова се вистински 16 мегапиксели, кои било дали се работи за дење или ноќе, ќе извадат остра фотографија со минимален шум. Инаку, истиот сензор се користи во најдобриот професионален фотоапарат на Olympus, OM-D E-M1, ако тоа му значи нешто на некого (а веројатно треба).

Olympus Air (2)

Модулот ќе може да ги прими сите леќи кои ги поддржуваат Micro 4/3 стандардот, а нив ги има многу, од широки, зум, портрет објективи, па се до fish-eye објективи. Многу од нив се од највисоката класа и чинат преку 1.000 долари, а ги користат професионалците. За зависниците од филтрите, Olympus лансираше и посебна апликација со нивните Art филтри, кои веќе се вградуваат во фотоапаратите на брендот. Инаку, поврзувањето со паметниот телефон е преку Wi-Fi, а ќе се нудат и држачи за повеќето типови на телефони. Поддржани оперативни системи во почеток се iOS и Android.

Засега, модулот на Olympus ќе се продава само на јапонскиот пазар, каде побарувачката за квалитетни камери е најголема. Цената на модулот е 289 долари, односно 425 долари со основниот кит објектив 14-42 mm f3.5-5.6. За споредба, толку чини и една цела камера на Olympus со истиот сензор и објектив.

Olympus Air (1)

Olympus Air нема да биде сам на пазарот, бидејќи Sony веќе го лансираше QX1, кој работи на истиот принцип и има дури и поголем сензор со 20 мегапиксели од Alpha серијата, но и поголеми објективи кои може да се проблематични за користење со паметен телефон. Ова и не е чудно, бидејќи Sony од неодамна е сопственик на водечкиот пакет акции во Olympus.

Едно е сигурно, дека и со двата модули, корисниците ќе можат да ја подигнат фотографијата на повисоко ниво, нормално, ако не им пречи повисоката цена и пред се, поголемите димензии и помалата преносливост.

Извор: The Verge

Претходна статијаДостапни првите тест верзии од Office за Windows 10 прилагодени за екраните на допир
Следна статијаApple развива нова Photos апликација за OS X, ќе биде достапна до оваа пролет