Бројот и видот на Bluetooth звучници на пазарот во денешно време е голем, па корисниците можат да го изберат производот кој што е најдобар за нив. Тие се разликуваат по цена, перформанси, дизајн и слично, меѓутоа звучникот од OM Audio не е како било кој од звучниците кои што ги имате видено до сега.
OM/ONE е звучник во форма на топка кој што лебди над неговата база. Тоа се постигнува преку магнетите кои што се поставени во базата и звучникот. Звучникот може да функционира заедно со базата, но и независно преку вградената батерија која што треба да овозможи до 15 часа на слушање на музика. Се поврзува со вашиот уред преку Bluetooth LE, а исто така може да се поврзе со уште еден OM/ONE звучник за добивање на стерео звук. Полнењето на звучникот се прави прек USB, а тоа може да се направи и директно во него, како и преку базата.
Од OM Audio тврдат дека поради способноста да лебди, звучникот овозможува подобар звук од неговата конкуренција, поради тоа што звучните бранови патуваат без ништо да им смета. Меѓутоа тоа останува да се види, а тие што имале можност да го тестираат не се баш убедени во точноста на ова тврдење.
OM/ONE моментално може да се нарача преку страна на OM Audio и ќе почне да се продава доколку бидат собрани доволно средства за испорака на првата тура од нарачките. Цената по која што може да се нарача изнесува 180 долари, а се очекува првите нарачки да почнат да се доставуваат од Декември оваа година.
Без разлика дали овој дизајн на звучникот може да овозможи подобар квалитет на слушање на музика, овој производ секако нема да биде купуван поради тоа. Фактот што звучникот преку кој што слушате музика лебди на масата е нешто што ќе биде интересно за повеќето од купувачите на овој производ.