Досега многу пати имаме кажано дека мегапикселите кај паметните телефони и не се толку значајни, но тој факт заборавете го сега. Тука, во светот на фото апарати со многу големи сензори, пикселите навистина значат.
Идејата зад ова е дека големината на сензорот (53,7х40,4 милиметри) кај овие апарати е многу поголема дури и од онаа на DSLR апаратите со таканарешениот Full Frame сензор со големина од 36х24 милиметри. Толку големи сензори се користат во камери со специјални намени, каква што е новата Phase One XF100MP, која има цена од 48.900 долари.
Ви се чини многу? Можам да Ви гарантирам дека листата на порачки е веќе долга – најдобрите модни и пејсаж фотографи сликаат исклучиво со вакви апарати, а многу од фотографите ќе потрошат уште толку за компатибилни објективи.
Причината е едноставна – овие сензори вадат многу, многу детали. А со 100 мегапиксели, фотографот ќе може да е сигурен дека ќе го извади максимумот – конкуренцијата како Hasselblad веќе заостанува. Покрај големиот број на пиксели, овој сензор се карактеризира и со 16 битни бои, што според Phase One ќе ги врати длабоките и богати бои кои фотографијата ги загуби со преоѓањето од филм кон сензор. Сензорот е инаку изработен во соработка со Sony.
Апаратот има и осетливост на светлина од ISO 50 до ISO 12800, а од Phase One велат дека која вредност и да се избере, фотографиите ќе бидат чисти од шум. Но, и да не е така, фотографите најчесто користат вештачка или дневна светлина со овие камери, што значи дека најчесто ќе сликаат со пониски ISO вредности.
Новиот Phase One XF100MP е веќе достапен за купување, но многумина од нас веројатно ќе немаат шанса ни да го видат. Она што ќе имаме шанса да го видиме се фотографии од оваа камера, на некоја од насловните страници на големите светски магазини или пак на некој билборд – скоро сите комерцијални фотографии се сликаат со вакви апарати.
Извор: Engadget, Digital Photography Review