На настанот којшто Google го одржа вчера и на којшто ги престави веќе познатите од толку многу неофицијални информации, слики и видеа, Pixel 4 и Pixel 4 XL телефони, претстави и нова и поевтина генерација од нивниот Pixelbook.
Pixelbook е во основа Chromebook лаптоп направен од Google кој е замислен да биде од повисоката класа, за разлика од повеќето Chromebook лаптопи кои се доста евтини и замислени да се нудат во образованието и слично.
Pixelbook Go е уредот којшто беше претставен вчера и треба да ги привлече корисниците кои го сакаат брендот, неговиот дизајн и квалитет, но не им треба до толку скап лаптоп.
Секако, Pixelbook Go исто така работи на Chrome OS, што значи дека функционира на основа на веб апликации, а има и пристап до сите Android апликации. Сето ова го прави Chrome OS да е прилично брз и да овозможи долго траење на батеријата.
За разлика од Pixel 4 телефоните за кои се’ дознавме пред нивното претставување, Pixelbook Go и другите производите што беа претставени го направија настанот поинтересен.
Pixelbook Go доаѓа во две бои, а нема да ги преведеме поради нивната специфичност, односно тие се наречени „Just Black“ и „Not Pink“. Надворешноста е направена во мат стил, материјалот е магнезиум, а од Google посебно го истакнуваат дизајнот којшто овозможува сигурно држење во рацете.

Поради тоа што овој лаптоп Google замислува дека ќе биде користен доста од луѓе кои работат надвор, како на пример во кафулиња, што е нешто стандардно на запад за разлика од кај нас, посебно се истакнува новата тастатура која е тивка. Никој не сака да биде тој гласен „куцач“, истакнуваат од Google за да покажат колку внимание дале на тастатурата.
Инаку Pixelbook Go е класичен лаптоп со 13,3 инчен екран на допир со избор на резолуција од Full HD или 4К, зависно од варијантата. Може да се избере од 4 варијанти кои нудат 8 и 16GB RAM меморија и од 64 до 256GB простор за складирање.
Цената на лаптопот којшто сепак не се продава во нашата земја, почнува од 649 долари, па оди до 1.399 долари за најсилниот модел со 4К екран, Intel Core i7 процесор, 16GB RAM и 256 простор за податоци.
Lightweight, grippable, and ready to travel – stay on the move with #PixelbookGo. #madebygoogle pic.twitter.com/52bLVd9gRJ
— Made by Google (@madebygoogle) October 15, 2019