Веќе подолго време, Dell целосно се посветуваат на заземање поважно место на пазарот на лаптоп компјутери, а со Dell Inspiron 15-7537 (понатаму во текстот само 7537), трендот на квалитетни понуди е успешно продолжен.
Овој 15-инчен (notebook) компјутер доаѓа со прекрасен алуминиумски дизајн, Core i7 процесор, DDR3/1600 меморија и Nvidia графичка карта што поддржува резолуција од 1080 пиксели. Почетната цена за која можете да го најдете е околу 750 долари (основен модел), што е доста задоволително за моќен припадник во серијата Inspirion 15-7000 лаптопи.
7537 е уште еден во низата лаптопи со екран на допир, што значи дека (ин)директно се препорачува да го користите со Windows 8.1. Со него ќе добиете и 4 USB 3.0 порти, слот за SD картици, како и стандардниот приклучок за слушалки. На сето ова треба да се додаде и вградениот 802.11b/g/n адаптер за безжично поврзување на интернет, кој е сепак едно ниво под најмоќното што Dell ни го имаат понудено на тоа поле, односно 802.11ac адаптер.
Одредени светски медиуми што веќе го изложија 7537 на детално тестирање тврдат дека батеријата во идеални услови може да издржи околу 4:30 часа. Со оглед на тоа што лаптопот доаѓа со Core i7 процесор, оваа издржливост го става некаде на средина од максимумот што може да се извлече со целосно полнење на батеријата.
Сепак, доколку едно нешто е јасно, тоа е дека 7537 е создаден со цел да може да се користи и за работа, и за играње. Со други зборови, не се работи за уште еден лаптоп кој ќе најде примена главно кај бизнисмените и оние што се заинтересирани само за работа. Доколку сте подготвени да потрошите околу 1150 долари, ќе добиете права мобилна „ѕверка“ на која ќе можете да ги играте новите игри каде и да сте. Впрочем, не би ни можело да се очекува нешто помалку од компјутер со i7-4500U процесор, 16GB DDR3/1600 меморија и графичка карта Nvidia GeForce GT 750M со 2GB GDDR5 меморија.
За крај, можеме само да сумираме дека со 7537, Dell јасно ни даваат до знаење дека се подготвени да ги исполнат потребите на сите корисници, независно дали тие се во потрага по лаптоп кој ќе им овозможи часови непрекината работа или забава. Доколку не жалите пари на лаптопи, дефинитивно вреди да го погледнете овој модел.