Како да не беа задоволни од милионската продажба на своите паметни телефони, па момците од Samsung се решија да ја произведат и првата паметна LED светилка (соодветно именувана Smart Bulb) која во идеални услови може да трае и до 10 години.
Иако Samsung со оваа идеја малку задоцни во однос на LG, тоа не ја спречи компанијата да издаде сличен производ на пазарот, но нормално, со уникатни карактеристики. Па така, една од главните разлики во однос на конкуренцијата е тоа што оваа светилка поддржува само bluetooth начин на работа, не и WiFi. Сепак, Samsung тврди дека ова може да се смета за предност во однос на останатите LED светилки, бидејќи на корисниците им дава можност директно да управуваат со светилката од таблет компјутери или паметни телефони.
За да управувате со оваа светлика, се’ што треба да направите е да инсталирате соодветна апликација на вашиот паметен телефон или таблет, и ништо повеќе. Со инсталацијата, автоматски добивате право да управувате со максимум 64 паметни LED светилки, без потреба од дополнителна опрема. Притоа, доколку сакате да извлечете максимална трајност од светилката, можете да го намалите нивото на светлина до 90%. Тука е можноста и за прилагодување на температурите на белата боја на светлината (2700K – 6500K), со што станува јасно дека Samsung сакаат корисниците да имаат целосна контрола над работата на нивната LED светилка.
При рационално користење на првата паметна LED светлика од Samsung, можете да очекувате истата да ве служи до 15.000 часа, или како што веќе спомнавме, 10 години. Со овој производ, корејската компанија се надева дека ќе понуди „LED решенија за паметните домови на иднината“.
Иако цената на Smart Bulb се’ уште не е позната, се очекува производот да не чини повеќе од 40 долари.