project-ara

Оваа недела се одржа Project Ara Developers Conference на која што беше претставен напредокот на овој проект. Доколку не сте се’ уште запознаени, Project Ara е проект започнат од страна на Motorola кој што останува во Google по продажбата на компанијата на Lenovo. Се работи за концепт на мобилен телефон чии што компоненти како екранот, процесорот, меморијата, камерата и слични, се поставуваат на надворешната страна во форма на модули кои што лесно се менуваат. Со ова треба да се постигне уред кој што еднаш го купувате и го користите повеќе години поради можноста за менување на посебните компоненти како што ќе излегуваат нови и подобри. Па така, наместо да купите целосно нов мобилен, вие само ќе ја замените компонентата која што е застарена со нова.

На Ara конференцијата беше најавено дека првиот Project Ara мобилен телефон треба да биде достапен во продажба од Јануари 2015 и ќе се продава по цена од 50 долари. Уредот е наречен gray phone, односно сив телефон, поради нарочно направениот сив дизајн кој што треба да биде досаден, а корисниците да го прилагодат со посебните модули според нивните потреби и да го направат „интересен“. За цената која што е доста ниска ќе добиете рамка, екран, wi-fi и процесор. Остатокот од компонентите, односно модулите останува на вас да ги изберете и нарачате и со тоа да го направите телефонот онака како што вие сметате дека треба да биде.

Project Ara мобилниот телефон ќе работи на Android оперативниот систем, но истиот ќе треба да биде надграден со функции моментално недостапни за работа на ваков телефон. Сепак од Google изјавија на шега дека тие се Google и дека тоа ќе го овозможат на време за започнување на продажбата.

Претходна статијаGoogle претстави самостојна камера апликација за Android уредите
Следна статијаMicrosoft го гаси бесплатниот сервис за користење на сопствен домен
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.