Новите чипови на Qualcomm од средната класа донесуваат ситни подобрувања во перформансите, но големи подобрувања во брзините на пренос на податоци преку LTE (4G) мрежа.
Послабиот чип во понудата, Snapdragon 430, доаѓа со осум јадра, од кои четири работат на 1,2 GHz, што треба да е повеќе од доволно и за најтешките апликации. Целосно нова е и графиката и тоа Adreno 505, која сега поддржува две камери до 21 мегапиксел и снимање на Full HD видео. Чипот поддржува и X6 LTE брзина на пренос на податоци со 150 Mbps симнување и 75 Mbps качување.
Snapdragon 617 има исто така осум јадра, но тука помоќните четири имаат брзина од 1,5 GHz, додека графичката останува Adreno 405 како на досегашните модели во серијата „6“. Најверојатно, за помоќна графика ќе треба да почекаме на Snapdragon 618 и 620, кои треба да пристигнат наредната година.
Сепак, во поглед на брзините на сообраќај, 617-ката е многу подобра, со X8 LTE модемот, кој дозволува симнување од 300 Mbps и качување од 100 Mbps. И овој процесор поддржува две камери со максимум 21 мегапиксел.
Она што е веројатно е најинтересно е што и двата чипови ќе имаат вграден Qualcomm Quick Charge 3.0, кој ќе овозможи многу побрзо полнење на батеријата на паметниот телефон, а кој ќе биде достапен и во чипот од високата класа, Snapdragon 820.
Извор: Android Central, Anand Tech