Компјутерите кои ги имаме и на кои работиме денес имаат Intel или AMD процесори, базирани на x86 архитектурата. На нив може да се инсталираат цела плејада оперативни системи, кои можат да бидат “open source”, односно со отворен код. Сепак, самите процесори во овие компјутери имаат специјални “firmware” кои не дозволуваат целосна отвореност на системот.
Поточно, ова значи дека самите процесори не се отворени и се под контрола на Intel и AMD. Raptor Engineering, американска компанија, лансира нова матична плоча која ќе функционира со Power8 процесорите на IBM, кои се целосно отворени. Овие процесори се развивани заедно со партнерите и немаат специјални “firmware” надградби кои би ги ограничиле нивните можности или пак би ја загрозиле приватноста на корисникот.
Матичната плоча на Raptor Engineering е наречена Talos. Оваа плоча може да се вгради во стандардно компјутерско куќиште и има прилично моќни можности, како максимум 256 GB рам меморија и два PCI слотови за графички картички. Power8 процесорите кои ќе бидат компатибилни со оваа матична плоча би требало да се подеднакво моќни си оние на Intel и AMD и ваков компјутер би можел да се користи за најразлични анимации и тешки компјутерски процеси.
Цената на Talos е сепак прилично висока – 3.700 долари за матична, макар и отворена, се многу пари. Сепак, идејата на Raptor Engineering е вистински длабока и вклучува производство на сите делови за компјутерот во САД, нешто што би можело да наиде на поддршка од новоименуваниот претседател Доналд Трамп. Поточно, ова е компјутер кој сигурно би „одѕвонил“ во увото на американскиот патриот, кој исто така е загрижен за својата слобода и сајбер безбедност.
Извор: PC World