Доколку некој од вас некогаш размислувал за купување на SSD диск и сте прашале некој „стручен“ за тоа, шансата е дека ви кажале да земете Samsung диск од серијата 850. Овие модели нудат високи брзини, одлична доверливост и трајност, по достапна цена. Отсега, достапен е и модел со капацитет од 4 TB, доволно за да не размислувате за втор HDD диск во вашиот десктоп или лаптоп компјутер.
Секако, SSD диск со толку голем капацитет нема да биде евтин и достапен како неговите помали браќа во понудата – неговата цена изнесува 1.500 долари во САД, што е повеќе од двојно повеќе од претходникот со капацитет од 2 TB, кој чини 700 долари. Да, поевтино ќе биде да ставите два 850 Evo дискови од 2 TB отколку еден од 4 TB, но од друга страна конкуренцијата и нема вакви модели во понудата кои би ја симнале цената на 850 Evo 4 TB. Засега барем.
Причината за ова е новата, понапредна технологија. Имено, во овој диск се вградени 48 слоеви на 256 Gbit V-NAND чипови, што е исклучително голема густина и бара многу попрецизни алати при изработката. И покрај поголемата густина, Samsung 850 Evo постигнува брзини од 540 MB/s за вчитување и 520 MB/s за впишување податоци, што е респектабилно за диск кој се поврзува преку SATA 3.0 интерфејс.
Како и сите SSD дискови на Samsung и новиот 850 Evo ќе го карактеризира доверливост и издржливост – ќе има гаранција од 5 години и 300 TB вкупно впишани податоци.