Корејскиот производител е во моментов најголемото име во светот на SSD дисковите и со новата “960” серија на производи само го зацврстува тоа. Се работи за исклучително брзи SSD дискови, кои се поврзуваат преку NVMe протоколот.
Новите 960-ки се базираат на Polaris контролерот на Samsung, која има чип со 5 јадра за комуницирање меѓу вертикално поставените 3D V-NAND чиповите наменети за складирање на податоците. Оваа архитектура овозможува исклучително високи брзини и голем капацитет во многу мало пакување на M.2 NVMe SSD диск, кој може да се вгради и во најтенките лаптопи и „2 во 1“ уреди.
Веднаш ќе се запрашате – колку се навистина брзи овие SSD-а? Доколку ги споредиме со класичните SSD дискови, макар и на Samsung, кои се поврзуваат преку SATA 3 интерфејт, овие ќе бидат неколку пати побрзо. Всушност, овие дискови ќе бидат побрзи од класичните SSD дискови, колку што тие се побрзи од HDD хард дисковите со брзина од 7.200 rpm. Според Samsung, новите 960 SSD дискови имаат подобрувања и во потрошувачката на енергија, а ќе имаат и многу помал пад на перформансите при загревање после подолга работа на дискот.
Во бројки, 960 Pro моделот има брзина на вчитување од 3,5, а на запишување од 2,1 GB/s, додека 960 Evo има исто така импресивни брзини од 3,2 односно 1,9 GB/s. Да, тоа се гигабајти во секунда. Pro моделот инаку ќе биде достапен во изведби од 512 GB, 1 TB и 2 TB, додека Evo моделот ќе биде достапен во изведби од 250 GB, 512 GB и 1 TB. Цените се движат од 329 до 1.299 долари кај Pro моделот, односно од 129 до 479 долари кај Evo моделот. Pro моделот повисоката цена ја оправдува со гаранцијата од 5 години и 1,2 PB (петабајти) запишани податоци, додека Evo дискот има гаранција од три години и 400 GB запишани податоци.
Извор: ARS Technica, Anand Tech, Extreme Tech