Galaxy Note 7 можеби го означи крајот на дигиталното пенкалце во телефоните на Samsung, барем засега, но корејскиот производител има друг производ кој ќе има вакво пенкало. Се работи за премиум лаптоп со Chrome OS оперативен систем, кој ќе има дисплеј на допир кој ќе се врти 360 степени за да се користи како таблет и дигитално пенкалце кое овој пат ќе биде наменето за уметниците и креаторите.
Идејата зад овој лаптоп е дефинитивно преземена од Windows 10 компјутерите, кои веќе неколку години по ред доаѓаат во изведби со дисплеј кој може да се сврти наопаку за уредот да се користи како таблет. Всушност, една од причините што досега производителите не се одлучуваа на Chrome OS лаптоп во ваква изведба е што самиот оперативен систем не беше оптимизиран за допир, но Samsung Chromebook Pro ќе има можност за инсталирање на Android апликации, па многу е логично да може да се користи и како таблет.
Големината на дисплејот инаку ќе биде 12,3 инчи, што значи дека ќе се работи за прилично пренослив „2 во 1“ уред. Резолуцијата е исто така одлична – 2400х1600 пиксели, но процесорот не е особено моќен, односно е ARM процесор преземен од паметните телефони со шест јадра и максимална фреквенција од 2.0 GHz.
Во превод, не очекувајте моќ на нивото на Intel Core i3, i5 или i7 процесорите, но за лесните Android апликации и овој процесор не би требал да има проблеми, а згора на тоа овозможува и прилично долго траење на батеријата од 10 часа со едно полнење.. Процесорот ќе биде помогнат од солидни 4 GB рам, додека уредот ќе има и 32 GB простор за податоци, што е веројатно доволно за уред кој ќе ги користи исклучиво клауд можностите на Google Drive за инсталација на програми и зачувување датотеки.
Самиот лаптоп е инаку прилично лесен, односно тежи само 1 килограм и има изработка од алуминиум, која неодоливо потсетува на MacBook. На уредот има и една USB Type-C порта и слот за micro SD картичка.
Цената на Samsung Chromebook Pro изнесува 499 долари, што не е многу за еден добро дизајниран „2 во 1“ уред. Сепак, за многу корисници Chrome OS и натаму е големо ограничување, особено за корисниците во Македонија, каде оперативниот систем се уште има слаба поддршка.
Извор: Android Authority, Engadget, 9 to 5 Google