exynos-7-octa-7870

Корејскиот гигант веќе подолго време произведува сопствени мобилни чипови, но поминува забележано само во повисоките класи. Новиот Exynos 7 Octa 7870 ќе се натпреварува во средната класа, односно ќе биде директна конкуренција на новиот Snapdragon 625 на Qualcomm, а воедно ова е и првиот процесор од овој сегмент со големина на транзисторите од 14 nm.

Малите транзистори придонесуваат за тоа овој чип да користи до 30% помалку енергија од своите соперници изградени со транзистори од 28 nm, со иста понуда на перформанси. Ова значи дека телефоните со овој чип би требало да имаат подолго траење на батеријата од досегашните, но не очекувајте разликата да биде навистина 30% – батеријата ја трошат и многу други компоненти, како на пример екранот.

Како што навестува името, Exynos 7 Octa 7870 ќе има осум јадра. Сите ќе бидат изградени врз ARM Cortex-A53 архитектурата и ќе работат на 1,6 Ghz работен такт. Вградената графика е Mali-T830, која треба да овозможи солидни гејминг перформанси, иако не на нивото на најмоќните мобилни графички решенија од високите класи. Чипот поддржува и екрани со максимална резолуција од 1920х1200 пиксели, како и продукција на Full HD видео со 60 слики во секунда.

Exynos 7870 поддржува и две камери со 16 мегапиксели, односно 8 мегапиксели доколку е вградена двојна камера, а има и Cat.6  модем за брз 4G LTE трансфер на податоци – до 300 Mbps при симнување.

Чипот треба да почне да се произведува наскоро, но првите телефони со него ќе ги видиме подоцна годинава – веројатно во модели од средната класа на Samsung.

Извор: Samsung, Android Central, GSMArena, ExtremeTech

Претходна статијаOutlook.com излегува од Preview – Донесува подобрен изглед и нови функционалности
Следна статијаSynaptics претстави помал читач за отпечатоци кој ќе знае дали отклучувате со вистински прст