Со зголемувањето на популарноста на сервисите во облакот, како и брзината на интернет пристапот, содржината која што им е достапна на корисниците секоја година се повеќе се зголемува. Трошоците за складирање на податоците не се евтини, меѓутоа не се во прашање само парите. Технологијата која што се користи за складирање на податоците константно напредува и овозможува складирање на поголем број на податоци на иста големина.
Можеби како домашен корисник колку и да имате потреба од медиуми за складирање на податоци, тоа што се нуди на пазарот е доволно, посебно ако се земат во предвид и cloud сервисите кои што ја намалуваат потребата од чување на содржината на вашиот компјутер или било кој друг уред. Затоа новиот хард диск кој што оваа недела го претставија Seagate, првенствено е наменет за бизнис корисниците кои што можат да го користат во своите сервери, без разлика дали се работи за компаниски бекап сервери или сервери за cloud сервиси.
Seagate оваа недела го претстави првиот хард диск кој што доаѓа со капацитет од 8TB. До сега најголемиот хард диск кој што беше достапен имаше капацитет од 6TB, а кој што исто така оваа компанија го имаше во својата понуда. Друг производител кој што е познат во овој пазар е Western Digital кој што исто така има понуда на хард диск од 6TB. Карактеристично за Western Digital е тоа што за зголемување на капацитетот, како и перформансите на нивните дискови, користат хелиум, за кој што диск можевте да прочитате во оваа статија.
За разлика од Western Digital, Seagate користи друга метода преку која што успеваат да го зголемат капацитетот на нивните дискови. Seagate користи технологија која што тие ја нарекуваат Shingled Magnetic Recording. Плочата на хард дисковите, е составена од голем број на мали ленти од кои што се читаат информациите. Меѓутоа можноста за нивно намалување е дојдена до одредена граница, посебно поради неможноста повеќе да се намалат читачот и запишувачот на информации на лентите. Можноста за складирање на податоци се зголемува со тоа што лентите се намалуваат и со тоа се овозможува поголем број од нив да бидат наредени на плочата. Она што го прави SMR технологијата од Seagate е редење на овие ленти една врз друга слично како шиндрите, односно ќерамидите на крововите со што според нив се добива зголемување на капацитетот од 25%.
Цената на овие дискови уште не е објавена, меѓутоа со оглед на тоа што се наменети за бизнис корисниците, а се работи за нов производ со голем капацитет, може да се очекува таа да биде повисока.
Извор: TechCrunch, ComputerWorld, Seagate