Поради префрлањето на SSD дисковите кај повеќето нови компјутери, корисникот има многу помалку капацитет за складирање податоци, иако многу повисока брзина на самиот компјутер. Затоа, тука се надворешните решенија за складирање податоци, кои се добри и за користење на повеќе различни компјутери.
Новите Backup Plus хард дискови на Seagate донесуваат исклучително голем простор за складирање податоци, односно 4 TB за помалите модели наменети за лаптопите и 8 TB за големите модели наменети за десктоп компјутерите. Овие капацитети се и повеќе од доволни за повеќето корисници, а ќе ги заодоволат и оние кои работат со едитирање на видео содржини и сл.
Покрај високиот капацитет, Seagate вклучува и 200 GB онлајн клауд простор на Microsoft OneDrive за две години, кој инаку би чинел 95 долари. Ова е многу корисно за зачувување на најважните податоци, кои не би смееле да ги загубите. Цената на самите хард дискови е инаку 240 долари за помалиот Portable модел, односно 360 долари за поголемиот Desktop модел.
Со дисковите е достапен и Lyve сервисот, кој овозможува лесен пристап до сликите и видеата на корисникот, како и олеснета можност за копирање на истите меѓу повеќе компјутери. Исто така, вклучен е и специјален Dashboard Backup софтвер, кој ќе овозможи лесно бекапирање на податоците онлајн, а дури и прикачување на содржини на популарните веб сајтови, како YouTube.
Извор: CNet