До пред некое време важеше правилото дека ако сакате многу простор ќе треба да се одлучите за HDD диск, а ако сакате брзина за SSD диск. Со новите професионални SSD дискови на Seagate работите целосно се менуваат – тие штотуку претставија еден со вртоглави 60 TB капацитет, што е четири пати повеќе од конкурентот на Samsung, а ветуваат дека со истата технологија наскоро ќе стигнат и до 100 TB.
Засега дискот со капацитет од 60 TB е само покажување на новата технологија на Seagate, но производителот вети дека тој ќе пристигне на пазарот наредната година. Сепак, напомена дека ова ќе биде серверски SAS диск, кој има за цел да ги замени бавните HDD дискови, а цената иако не е најавена, очекувајте да биде висока – SSD дискот од 15 TB на Samsung чини 10.000 долари.
Тој има и големина од 3,5 инчи, што значи дека нема да може да се вгради во лаптопите, туку само во поголеми серверски машини. За толку мал диск со толку голем капацитет, кој ќе можеме да го вградиме и во нашиот лаптоп, веројатно ќе треба да почекаме уште неколку години…
Ваквите дискови инаку се’ повеќе ќе се вградуваат во серверите, поради поголемите потреби од брз пристап на податоци од онлајн видео сервисите како YouTube и Netflix, но и воопшто поради растот на интернет сообраќајот со развојот на Internet of Things уредите.
Извор: PCWorld, The Next Web, ZDNet