DSCF7183.0

Кога ќе помислиме на LCD екрани веројатно на повеќето ни доаѓа заклучокот дека нема што револуционерно да бараме од нив. Веќе се постигнати огромни резолуции при кои е многу тешко да се распознаваат посебните пиксели, веќе прикажуваат милиони бои во рекордни времиња на прикажување (помалку од 3 милисекунди) и одличен контраст и дефиниција што овозможува да се користат за професионална работа. Изгледа дека се’ е решено и се работи само на фини инкрементални подобрувања во погорните карактеристики.

Што станува со оние случаи кога стандардниот правоаголник како форма не одговара на потребата или дизајнот на некој дел, а сепак би сакале да има екран таму, како што се инструменталните табли во возилата, екран кој би можел да се смести на рачките од велосипедот и на други места? Во тој случај доаѓа Sharp на спас.

На овогодинешниот CES, Sharp ги претстави новите прототипови на екрани со т.н. произволна форма. Тоа значи дека овие екрани можат да бидат изработени во каква било форма која не мора да биде стандардната правоаголнеста, и да функционираат одлично. Ограничувањето за правоаголна форма кај обичните LCD екрани доаѓа од фактот што потребната управувачка електроника за екраните е сместена околу самиот екран. Тоа изискува да се вметнува рамка околу екранот како и оневозможува екранот да преземе каква било форма.

Со новите екрани на Sharp ова сето се избегнува бидејќи тие успеале да најдат начин како управувачката електроника да ја сместат распоредена заедно со пикселите на екраните и така да дозволат истите да се изработат во било која форма. Прототиповите покажуваат во главно инструментални табли на возила каде јасно се гледа дека формата на екраните е разновидна и прилагодена на условите во возилата. Интересното е што квалитетот на приказот е одличен и не се има нарушено со ваквата „интервенција“ во дизајнот.

Штом Sharp успеале да создадат екрани со произволна форма преку сместување на управувачката електроника во нив, веројатно има опција и електрониката за осетливост на допир исто така да се смести таму и тие да бидат осетливи на допир. Тогаш лесно ќе можеме да ги замислиме како ги менуваат инструменталните и управувачки табли на секакви различни машини во било која индустрија.

Извор: The Verge, Sharp

Претходна статијаGoogle работи на систем за преведување во вистинско време во Translate апликацијата
Следна статијаНовите Panasonic Life+ телевизори со Firefox OS