Skylock е сајла за заклучување на велосипедите во форма на латиничната буква U. На прв поглед можеби изгледа како и повеќето од овој тип, односно таа е направена од метал и во основа е наменета сигурно да го заклучите велосипедот кога сте излезени. Она што го прави овој производ различен од другите се додатните функции кои што го ставаат во категоријата на паметните производи.
Skylock се заклучува и отклучува без користење на клучеви. Тоа го прави на два начина, односно преку мобилна апликација или преку внесување на комбинација на вградениот капацитивен екран на допир. Со апликацијата на мобилен телефон се поврзува преку Bluetooth и Wi-Fi конекција. Преку апликацијата може да се следи локацијата на велосипедот, а се добиваат и нотификации доколку некој ја чепка сајлата. Интересна можност која што се прилагодува преку апликацијата е можноста за споделување на пристапот до велосипедот со вашите пријатели. Поточно, ја имате можноста да дозволите сајлата да биде отклучена од страна на друга личност и со тоа да им дозволите да го возат вашиот велосипед, без потреба од станување и негово отклучување.
Сајлата има можност автоматски да се отклучи кога ќе се приближите до велосипедот, следејќи ја вашата локација преку апликацијата на мобилниот телефон. Исто така при заклучување, се што треба да направите е да ја споите сајлата и таа автоматски ќе се заклучи.
Сајлата работи на батерии кои што не мора да ги полните, односно тие самите се полнат преку вградените соларни панели. Според производителот, со полнење на уредот во времетраење од еден час, на сонце се разбира, тој може да работи и до една недела.
Една од карактеристиките која што го прави Skylock уредот различен од другите паметни сајли за велосипеди е можноста за детектирање дали сте доживеале несреќа, односно дали сте паднале од велосипедот. Во тој случај Skylock ги известува вашите пријатели, а тоа може да го направи и на властите, односно полицијата.
Skylock моментално е во фаза на прибирање на средства, а неговата продажба се планира од почетокот на идната година. Моментално цената која што треба да се плати за негова поддршка изнесува 140 долари, а истата ќе биде повисока за 100 долари кога ќе се најде во обична продажба.
Извор: Skylock