Snapdragon 820 чипот на Qualcomm од високата класа помина прилично успешно, за разлика од својот претходник 810. Неговата архитектура овозможува и мали подобрувања со текот на времето, какво што ќе има освежениот Snapdragon 821, кој треба да донесе околу 10% подобрување во брзината.
За Qualcomm ова не е ништо ново – тие порано често вадеа подобрени верзии на своите чипови од високите класи, како на пример Snapdragon 800, 801 и 805. Како и порано, главната промена кај оваа верзија е повисокиот работен такт од 2,4 GHz на двете моќни јадра, односно 2 GHz на штедливите јадра (кај 820-ката се 2.0 со 1.6 GHz). Чипот нормално и натаму се базира на Kryo архитектурата на Qualcomm. Покачен ќе биде и работниот такт на Adreno графиката од 624 на 650 MHz.
Но, дали овие промени ќе може да ги почувствува корисникот? Веројатно не – телефоните со Snapdragon 820 се веќе исклучително брзи и мала промена од 10% веројатно ќе биде незабележителна. Сепак, новиот процесор е добар начин Qualcomm да излезе пред конкурентите на бенчмарк мерењата, односно да биде конкурентен кога ќе излезе новиот Apple A10 чип во новите iPhone-и годинава.
Првите примероци на Snapdragon 821 треба да се појават во втората половина на оваа година, а првиот телефон со овој чип веројатно ќе биде Asus ZenFone 3 Deluxe. Исто така, се очекува и Samsung Galaxy Note 7 да доаѓа токму со овој моќен чип.