Едно од најпознатите имиња во светот на безжичните мрежи е Qualcomm. И додека многумина кај нас уште не ни слушнале за овој гигант, истиот планира во многу скоро време да претстави нова технологија со чија помош безжичниот интернет ќе достигне брзини и до трипати поголеми од моменталните.

Технологијата на која се работи веќе седум години е наречена MU-Mimo (multi-user, multiple input, and multiple output). Начинот на кој таа работи вклучува испраќање на податоци на повеќе групи корисници истовремено со помош на алгоритми кои се менуваат во зависност од ситуацијата и густината на интернет сообраќајот. Мора да се напомене дека ова е и тоа како различно од моменталниот начин на работа, со кој еден корисник ги добива потребните податоци, додека останатите чекаат.

Според самите момци од Qualcomm, користењето на MU-Mimo е исто како возење на автопат, односно:

Додека безжичниот сообраќај не се менува, по желба можете да се групирате со други корисници, со што ќе „патувате“ многу побргу, а истовремено ќе придонесете за ослободување на останатите сообраќајни ленти.

За напомена е и дека за максимално забрзување на безжичниот интернет (до 300%), ќе биде потребно и корисниците, но и самата мрежа да ја користат MU-Mimo технологијата. Оние корисници чии уреди нема да работат на MU-Mimo чипови ќе забележат разлика, но далеку од максималната.

Според најавите, оваа технологија ќе стане достапна на почетокот на идната година. Притоа, многу е веројатно дека до неа први ќе добијат пристап сите компании кои работат на производство на уреди што користат безжична мрежа.

Претходна статијаDropbox ја претстави апликацијата за слики Carousel
Следна статијаGoogle ќе дозволи во рок од еден ден во Америка било кој да купи Glass