Sony оваа недела на CES2015 ја претстави најновата верзија од својот музички плеер, Walkman ZX2. Се работи за уред специјално направен за корисниците за кои што слушањето на музика е нешто повеќе од обична повремена активност.
Како што би очекувале, на предната страна уредот има екран на допир, карактеристични за овој вид на музички уреди. Изгледа прилично поголемо од мобилните телефони, а од страната се поставени главните контроли за слушање на музика, место кое што треба да овозможи прилично интуитивно контролирање на уредот.
Работи на постарата Android 4.2 верзија од овој оперативен систем и има пристап до Play продавницата за апликации. Инсталирани со него доаѓаат повеќе специјално направени апликации преку кои што може да се намести скоро секој аспект од слушањето на музика по желбите на корисниците.
Од првите импресии на неколку од порталите кои што се присутни на CES настанот може да се заклучи дека својата основна функција Walkman ZX2 ја извршува одлично, односно квалитетот на музиката е повеќе од добар, барем колку што тоа може да се процени од користењето на штандот на настанот.
Она што можеби најмногу привлекува внимание кај овој уред е неговата цена. Тој ќе се продава за цена која што треба да биде некаде околу 1.200 долари, меѓутоа одлуката за истата уште не е донесена.
Што се однесува до карактеристиките, Walkman ZX2 доаѓа со S-Master HX дигитално појачало, можност за пуштање на аудио фајлови до 192kHz/24-bit и поддршка за MP3, WMA, AAC, FLAC, AIFF, WAV и ALAC формати. Вградената меморија изнесува 128GB, а истата може да се прошири преку SD картичка.
ZX2 доаѓа со поддршка за поврзување со Bluetooth уреди, а истото може да го направи и преку NFC чипот. Батеријата треба да издржи до 60 часа на слушање на музика.