Воздушното загадување е тивок убиец и претставува огромен, но (на краток рок) незабележлив проблем во урбаните места. Загадениот воздух беше прогласен за канцероген од СЗО, а насоките на ЕУ за под 50 микрограми/метар кубен (за ПМ10) и под 25 микрограми/метар кубен (за ПМ2.5) се далеку од почитување во Македонија.
Повеќето луѓе не се загрижени за овој проблем бидејќи, за разлика од болест предизвикана од патогени организми или пак некоја повреда, загадениот воздух е нешто што не го гледаме редовно (но можеме да го забележиме во зимските периоди кога смогот понекогаш го затвора видното поле на само неколку метри пред нас во населбите Гази Баба и Аеродром). Повеќето луѓе не се загрижени се` дур не е касно и дур не сме развиле астматичен проблем или рак на белите дробови.
Многу важна компонента во заштитата од воздушното загадување е неговото следење и превенција. Затоа, на помош доаѓа Speck, кој претставува монитор на домашно загадување на воздухот со мали честички. Speck ќе ви помогне во анализа и следење на трендовите на домашното воздушно загадување со супермалите честички наречени ПМ2.5. Ваквите детектори на мали честички се обично многу скапи и незграпни за користење, но Speck сака да го реши тоа со тоа што ќе настапи со цена од 200 долари и ќе може да се приклучи на штекер во домаќинството.
Дополнително, уредот може да се врзе на вашата WiFi мрежа и да ги доставува информациите за загадувањето на нивниот сервер, преку кој ќе имате опција да ги споредите вашите вчитувања со официјалните од државните органи за да видите дали се доследни и соодветно наштимани. Во случај на зголемена загаденост над дозволените граници ќе можете да реагирате со затворање на прозорците и вратите и активирање на прочистувачи на воздухот со таканаречените ХЕПА филтри.
ПМ2.5 честичките се честички создадени од разни извори на загадување како индустрија, возила, горење на материјали (гума, дрво…) кои се многу мали и заради тоа навлегуваат длабоко во белите дробови. Со нив често носат канцерогени материјали и можат да предизвикаат рак или други пореметувања на дишните органи, а често знаат да предизвикаат зголемено лачење на заштитен слој во белите дробови кој ако премногу долго трае ги оштетува ситните комори и ги затвора, намалувајќи го дишниот капацитет.
Борбата против овој тивок убиец мора да биде постојана и внимателна особено на територии и држави кои докажано не се грижат за истото (како Македонија), а производи како Speck ќе ви помогнат со тоа што ќе ве потсеќаат дека и тоа што не го гледаме и обично не ни создава грижа може многу да ни наштети. Засега, можете да ја инсталирате МојВоздух апликацијата која ви дава редовни известувања за мерењата од мерните станици поставени низ републиката.
Извор: Gizmag, CIO, Carnegie Mellon University