Досега на СмартПортал сме пишувале за разни типови на проектори кои се преносни, кои ви овозможуваат да гледате филм каде и да посакате, вградени во тастатури и слично. Во главно сите тие имаат брзина на проекција во некои стандардни брзини за денешната технологија од 30 – 120 херца.
Меѓутоа, едни јапонски инженери од Ишикава Ватанабе лабораторијата при Школото за информатичка наука и технологија и Tokyo Electron Device LTD заеднички развија проектор кој има брзина на приказ од дури 1.000 слики во секунда. Другите карактеристики засега не му се особено импресивни бидејќи резолуцијата на која прикажува е 1.024 х 768 со 256 бои, но секако дека инженерите ќе работат на подобрување на истите.
Сепак, со брзината од 1.000 слики во секунда овој проектор може успешно да се користи за проектирање на слика врз подвижен објект без да има дисторзии. Иако окото гледа до околу 30 слики во секунда, ако истите бидат проектирани на подвижен објект се познаваат разни артефакти поради недоволната брзина на проекција. Тој ефект може да се поништи преку зголемување на брзината на проекција до огромни брзини, како овој проектор.
Ваквата брзина е постигната преку уред на дигитални микроогледала наместени на силиконски чип кои по потреба се отвораат и затвораат и така ја рефлектираат сликата. Досега ваквите уреди имаа одредено ограничување на брзината на работа бидејќи ако се притискаа да работат пребрзо се заглавуваат огледалата и не се враќаат во оригиналната позиција, заглавувајќи го приказот на таа точка. Инженерите и истражувачите од Јапонија успеале да го надминат истото ограничување со овој проектор, а сега работат на, како што споменавме, подобрување на другите карактеристики пред да се пушти во општо производство.
Извор: Engadget, Nikkei Technology