Пивото, кое што е еден од најпопуларните алкохолни пијалаци, може да се најде од разни производители, кои ги нудат во разни пакувања, од мали лименки и стаклени шишиња, до поголемите пластични шишиња и повеќе литарски лимени буриња кои што треба да симулираат точено пиво кое што трае повеќе денови. Сепак еден од најпопуларните начини на пиење на пивото е точеното пиво кое што може да се најде во пабовите и кафулињата. Иако тоа не е секогаш случајот, точеното пиво се смета за свежо и директно донесено од пиварата, без притоа да го помине процесот на флаширање.
Synek е производ кој што е наменет да ви овозможи точено пиво во секое време во вашиот дом. Со неговата големина и форма, која што е слична со нешто поголемите кафемати, може да биде поставен на многу места без некакви проблеми. Доаѓа со капацитет од скоро 4 литри на пиво кое што во него може да остане свежо до 30 дена, но и повеќе. Времето на останување на свежината на пивото доста зависи од начинот и квалитетот на неговото точење во уредот.
Пивото во него се чува во мали вреќички кои што можеби ги имате видено во вината кои што се продаваат во количина од пет литри во картонски кутии. Луѓето кои што стојат зад развојот на Synek сепак нагласуваат дека тие посебно ги имаат развиено вреќичките и дека не треба да се споредуваат другите слични вакви производи. Synek се вклучува во струја за да работи, а за понатаму се планира претставување на модел кој што ќе работи и на батерии, што би било навистина корисна негова верзија. Притисокот за точење на пивото се прави како што тоа е направено во кеговите за пиво, односно со користење на притисок од боци со CO2 (јаглерод диоксид).
Она што сепак може да го направи овој производ не толку погоден за користење кај нас е начинот на негово полнење. Поточно, тој не е наменет за вие во него да наполните пиво од било какво пакување преку едноставно пресипување. Тој доаѓа со посебен приклучок кој што е наменет да биде приклучен во пиварите, со што се добива свежо пиво кое што не било во контакт со воздухот. Не сме запознаени со можноста за директно точење на пиво од нашите пивари, но сигурно доколку има популарност тоа би било овозможено.
Исто така овој начин на работа доколку стане популарен ќе овозможи пиварите да го продаваат пивото во уште една амбалажа, односно во вреќичките наменети за Synek.
Synek моментално е во фаза на прибирање на средства преку Kickstarter и има собрано нешто повеќе од 40.000 долари од потребните 250.000 на 22 дена до истекот на рокот. Може да се нарача по цена од 300 долари, а нарачките се очекува да почнат да бидат доставувани од идната пролет.
Извор: Kickstarter