Американскиот производител на компјутерски хардвер OCZ Technology, кој минатата недела објави банкрот, вчера во официјална изјава соопшти дека постигнал договор со Toshiba за преземање на дел од средствата на компанијата во вредност од 35 милиони долари. Конкретно, договорот го опфаќа одделот за производство на SSD уреди и се очекува да биде комплетиран во следните два месеци. За судбината на останатите производни линии на компанијата, како што се бизнисот со напојувања и ладилници, сеуште нема официјални информации.
Според условите наведени во договорот, Toshiba се обврзува да го финансира тековното работење на OCZ, се додека не се финализира преземањето. Ова значи дека OCZ засега ќе продолжи да функционира нормално и да ги почитува обврските кон своите корисници. Останува нејасно дали и по преземањето на компанијата, гаранциите за купените производи ќе останат валидни и дали за истите ќе продолжи да се обезбедува техничка поддршка.
Со ваквиот потег Toshiba, кои држат околу една третина од глобалното производство на NAND флеш меморија, ќе се обиде да се постави како еден од клучните играчи на пазарот со SSD уреди.