Јапонскиот производител веќе поодамна не е на насловните страници, но и натаму има верни поддржувачи и купувачи кои се колнат во квалитетот на брендот. За разлика од другите производители, кои извадија целосно нови модели, Toshiba ја освежи гамата на Windows 10 лаптопи и хибриди од лаптоп и таблет со Skylake процесорите, но со многу малку други новитети.
Најинтересен е секако таблет лаптопот Protégé Z20t-C со 12,1 инчен Full HD дисплеј, кој е исклучително тенок, благодарение на чиповите од Core M серијата. Негов главен адут е тастатурата, која вклучува дополнителна батерија, за преку 12 часа користење (таблетот може да се користи околу 7 часа без тастатурата), што би требало да е и повеќе од доволно за цел работен ден.
Новитет кај овој модел е USB Type-C интерфејсот, кој има можност за USB 3.1 брзини, кои се двојно повисоки од USB 3.0. Protégé Z20t-C е придружен и од уште еден лаптоп, Z30-C, кој има сличен дизајн, но со таа разлика што е обичен лаптоп со дисплеј на допир.
Покрај хибридниот модел, Toshiba ги освежи и моделите Tecra, кои доаѓаат со 13,5, односно 14 инчен екран. Toshiba ја нагласува продуктивноста кај овие лаптопи, кои имаат три USB 3.0 порти и осветлена тастатура.
И покрај овие „подновувања“ на Toshiba очигледно и треба нешто многу поиновативно за да предизвика WOW ефект кај купувачите – ова е нешто што кај конкуренцијата сме го виделе многу одамна.
Извор: Tech Radar