Денес, корисниците на најразлични електронски уреди имаат широк избор на micro SD картички за зголемување на капацитетот за складирање податоци, со големини до 512 GB. Сепак, има една работа која е голем проблем, особено за оние кои снимаат Ultra HD видео или фотографираат многу фотографи одеднаш (спортски фотографи), а тоа е брзината на micro SD картичките.
Затоа, Samsung разви нови UFS мемориски картички, кои се всушност верзија на дисковите кои се наоѓаат во телефоните од високите класи последниве две години. Имено, Galaxy S7 и S7 Edge на пример користат UFS меморија за складирање на податоците, која овозможува многу повисоки брзини во однос на претходните Flash базирани дискови.
Картичките кои се базираат на UFS технологијата ќе имаат брзини на вчитување од 530 MB/s, што е на ниво на еден класичен SSD диск поврзан преку SATA 3.0 интерфејс и брзини на запишување од 170 MB/s, што е помалку од брзините на SSD дисковите, но тука сепак се работи за мемориска картичка. UFS картичките ќе бидат достапни со капацитети од 32, 64, 128 и 256 GB.
Повисоките брзини на картичката можат да помогнат во снимање на многу поголеми видео датотеки. На пример, досега повеќето апарати/камери кои снимаат Ultra HD видео, прават компресија на видео сигналот за да можат воопшто да го запишат на micro SD картичката, која патем мора да биде од највисоките класи. Отсега, производителите ќе можат да овозможат снимање на уште поквалитетно видео, со повеќе детали и длабочина, односно помала компресија.
Засега Samsung нема објавено цени за UFS картичките или пак кога ќе бидат достапни, но и да се случи тоа, ќе треба да купите нов уред кој ќе биде компатибилен со нив, бидејќи тие нема да може да се вградат во стандардниот micro SD слот. Samsung веќе објави план за слот кој ќе може да прочита и Micro SD и UFS картички, но тој светлото на денот исто така би го дочекал во иднината, веројатно во некој од смартфоните од високите класи, како на пример Galaxy Note 7.
Засега, доколку сакате картичка со висок капацитет, но не толку висока брзина, ќе мора да се задоволите со новата micro SD XC1 картичка на Samsung со капацитет од 256 GB, која чини 250 долари.