Новите „бенчмарк“ тестови направени на претпродукциски примерок од лаптопот Asus Zenbook откриваат детали за можностите на претстојниот процесор на Qualcomm, Snapdragon X2 Elite. Тестираната верзија на чипот покажува дека Qualcomm успева да направи сериозен скок во перформансите, особено кај задачите кои бараат работа на повеќе јадра истовремено.
Според објавените податоци од Hardware Canucks, Snapdragon X2 Elite постигнал резултат од 1.432 поени на Cinebench 2024 тестот за повеќе јадра, што е за околу 48% подобро од неговиот претходник. Во директна споредба со новиот чип на Apple, M5, кој на истиот тест постигнал 1.153 поени, решението на Qualcomm е за околу 24% побрзо.
Овие резултати се постигнати при потрошувачка од 31W за Snapdragon, додека чипот на Apple работел на 26W.
Во реални сценарија како што е рендерирање на видео преку Blender 5.01, Snapdragon X2 Elite ја завршил задачата за 3 минути и 31 секунда. За споредба, на истиот тест на Apple M5 му биле потребни 5 минути и 33 секунди. Слична е ситуацијата и кај Handbrake, каде новиот Snapdragon чип покажува доминација во брзината на обработка на видео содржини.
Сепак, Apple сепак ја задржува предноста кај перформансите на едно јадро. На Cinebench 2024 тестот, M5 постигнал 200 поени, додека Snapdragon X2 Elite застанал на 146 поени. Ова значи дека иако Snapdragon е помоќен за тешки процеси како видео монтажа и 3D рендерирање, чипот на Apple сепак нуди поголема брзина при секојдневните задачи кои зависат од едно јадро.
Едно од клучните прашања кои остануваат отворени е траењето на батеријата во реални услови. Qualcomm тврди дека новата архитектура овозможува подобра ефикасност, но финалните заклучоци ќе можат да се донесат кога првите комерцијални уреди ќе се појават на пазарот подоцна во текот на оваа година.
Исто така треба да се земе во предвид дека разликата во потрошувачка на енергија од „само“ 5W, не е баш така мала, а тука треба да се додаде и фактот дека М5 е основната верзија од чипот на Apple, a М5 Pro и M5 Max наскоро треба да бидат претставни.











































