Apple го претстави својот систем за автомобили CarPlay преку кој што се врши интеграција на iPhone со контролната табла на автомобилите. Поточно се работи за систем кој овозможува поврзување со iPhone, по што се добива пристап до апликации како Messages, Phone, iTunes Radio, Maps, Spotify. Апликациите се прилагодени за работа на форматот на екранот во автомобилот, а и корисничкиот интерфејс е познатиот, чист и едноставен Apple интерфејс составен само од икони.
Како што ќе можете да видите и во видеото, голем дел од работата со овој систем се врши преку Siri, а посебно за работата со Messages апликацијата. Ова се разбира не е за чудење со оглед на тоа што се работи за автомобилски систем, па апликациите треба да работат со што помалку вртење на вниманието на возачот кон екранот.
Овој систем беше најавено дека ќе биде презентиран од страна на Volvo, Ferrari и Mercedes-Benz на меѓународниот саем на автомобили кој што се одржува оваа недела во Женева. Следното видео го прикажува CarPlay во Volvo автомобил. Системот е презентиран од страна на вработен во Apple кој што работи на овој проект, па погледнете го видеото за подобро да видите како Apple ја замислува интеграцијата на своите производи во автомобилите.