Ако ве загрижува фактот што минувате часови играјќи видео игри и немајќи никаква физичка активност, време е за една добра вест. Virtuix Omni, подвижната лента што ќе ви овозможи да изведувате разни природни движења, притоа издигнувајќи ја виртуелната реалност на едно сосема ново ниво, ќе биде и официјално пуштена во продажба во јули, односно септември.
Доколку за првпат се информирате за овој интересен изум, доволно е да ви кажеме дека со негова помош, ќе имате можност да патувате во разни виртуелни светови, притоа движејќи се со сопствените нозе. Со други зборови, можете да заборавите на играње на вашите омилени игри од седечка или лежечка положба.
Virtuix Omni претставува лизгава платформа што ги симулира движењата при пешачење. Играчот е затворен во ринг кој ја апсорбира целата негова тежина. На главата мора да носи очила за виртуелна реалност, од типот на Oculus Rift. Истовремено, задолжително е носење на посебни обувки, со цел да дојде до намалување на триењето при движење. За крај, потребен е и безжичен џојстик, како и компјутер, за да дојде до реално пресликување на движењата на играчот во виртуелната средина. Доколку се гледате како идни корисници на Virtuix Omni , добро е да се знае дека ќе можете да уживате во игри како Call of Duty, Battlefield, Grand Theft Auto, Skyrim, Minecraft и многу други популарни наслови кои се како смислени за оваа платформа.
Идејата за ваква подвижна лента беше поддржана во кампања за јавно собирање средства од повеќе од 3.000 донатори и потребните 150.000 долари беа речиси веднаш достигнати. Затоа, Virtuix Omni е се’ поблиску до конечна реализација. Се очекува првите донатори да ја добијат платформата во текот на јули. За сите останати, оваа „играчка“ чини 499 долари и ќе стане достапна во септември.