Wireless Charger Duo од Samsung ќе може да полни два уреди безжично во исто време

Овој нов безжичен полнач се очекува да биде претставен заедно со Galaxy Note 9 и е замислен да го полни овој телефон заедно со новиот Galaxy Watch часовник

До претставувањето на Galaxy Note 9 не останува уште многу време, 9-ти август е за само две недели, а за каков ќе биде овој уред, мислам дека прочитавме се што може да се прочита. За потсетување, тој ќе го има дизајнот од ланскиот модел, но ќе има неколку промени, како што е позицијата на сензорот за отпечатоци.

Главната новина ќе биде Bluetooth поддршката на S Pen, со што ова пенкалце ќе се користи за повеќе функции на телефонот, а не само за пишување на екранот.

Покрај информации за телефонот, излегуваат и информации за додатни работи кои може да бидат претставени на настанот идниот месец. Безжичниот полнач на Samsung ќе добие одредени новини исто така, па сега тој ќе може да полни два уреди во исто време.

Wireless Charger Duo, како што кажува и самото име, ќе може да се користи за полнење на два смартфони во исто време или за еден смартфон и еден паметен часовник, а се мисли на Galaxy Watch, којшто исто така треба да биде претставен идниот месец.

Двата уреди се полнат со fast charging технологија, а можно е и Samsung да вгради понова генерација на брзо полнење, меѓутоа тоа ќе го дознаеме на самиот настан.