xiaoyi-m1-1

Од кинезите очекував жесток влез во светот на паметните телефони, што и се случи, но лично не очекував да влезат во светот на апаратите со променлива оптика, односно како што народот ги знае, „професионални“ фотоапарати. Yi (целосното име на брендот е Xiaoyi) M1 ќе биде супер евтин апарат кој ќе испорача квалитет на сликата на ниво на Panasonic и Olympus апаратите со micro 4/3 сензор, а има и дизајн кој неодоливо потсетува на модерна изведба на Leica, што е секако супер вест.

Моќта на самиот апарат не е само во ниската цена – тој се базира на стандард кој е најбогат со објективи кај апаратите со променлива оптика без оптички окулар, што значи дека во иднина ќе имате евентуално шанса да го надградите со подобар објектив или пак некое специјализирано стакло за макро, портрет или фотографирање на архитектура од Panasonic, Olympus или пак голем број на други производители.

xiaoyi-m1-4

Во срцето на Yi M1 апаратот се наоѓа сензор со 4/3 големина од Sony, кој има 20 мегапиксели и од кој може да се очекуваат прилично чисти фотографии дури и до ISO 3200. Камерата сепак може да оди и до ISO 25.600, а може да снима и 4K видео, кое би можело да изгледа прилично „филмски“ со објектив со брза бленда, кој може добро да го изолира субјектот од позадината. Апаратот е дури и опремен со Bluetooth и Wi-Fi, за лесно да може да ги споделите вашите фотографии со паметниот телефон и потоа со социјалните мрежи

А интересно, таков објектив ќе има уште во старт. Додека од Olympus и Panasonic чекавме неколку години за ваков објектив, Yi M1 веќе има портрет објектив со фокална должина од 42.5 mm (85 mm еквивалентно на Full Frame) и f/1.8 бленда, кој би требало да овозможи лесно „заматување“ на позадината кога фотографирате луѓе. Вториот достапен објектив е стандарден зум 12-40 mm f/3.5-5.6.

xiaoyi-m1-2

Една работа која е можеби и мал минус на овој апарат уште во почеток е тоа што нема многу физички контроли, односно скоро сите параметри се подесуваат преку дисплејот на допир од 3 инчи, што можеби делува како интуитивно, но сигурен сум дека физичко копче ќе биде многу подобар избор за поголемиот број на сериозни фотографи.

На крај, најголемиот адут на овој апарат е цената. Моделот со зум објективот ќе се продава за 330 долари, додека оној со портрет објективот за 450 долари. Ова е исклучително достапно – Panasonic и Olympus апаратите со слични перформанси од micro 4/3 стандардот чинат двојно повеќе од апаратот на Yi! Ова особено важи за специјалните објективи, како оној од 42,5 mm, кој може значително да ја подигне цената кај нив…

xiaoyi-m1-3

Искрено, дури и лично се надевам дека овој фотоапарат ќе биде достапен и кај нас – нуди навистина одлични перформанси за многу ниска цена. Доколку сте сериозни за фотографија, препорачувам еден ваков модел – не е претерано голем за да не можете да го носите насекаде, а донесува многу голем напредок во квалитетот во споредба со вашиот паметен телефон.

Yi е инаку производител кој ги сруши сите рекорди на продаваност со своите акциони камери на онлајн продавниците, како Ali Express и е директно поврзан со Xiaomi. Ова треба да биде само дополнителна причина да се верува во квалитетот на производите на овој кинески натпреварувач.

Извор: Engadget, DPReview, Peta Pixel

Претходна статијаЖелбата да го престигнат iPhone 7 донесе проблеми со батеријата кај Samsung Galaxy Note 7
Следна статијаFacebook ја претстави наредната верзија од Messenger како платформа со низа новини